ДЕМОКРАТИЈАТА И ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ

ПРЕДЛОГ-МОДЕЛ ЗА ИЗБОРЕН СИСТЕМ КОЈ БИ ПРИДОНЕЛ КОН ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА НА РМ

Постмодернизмот успеа да ги скрши сите догми, да ги релативизира сите вистини, да ги стави на тест на разумот (но и на страста!) и прагматизмот сите принципи кои го конституираат светогледот на човекот. Само една догма остана нескршена, само една вистина остана неизмешана, само еден принцип се издигна на степен на сакралност. Станува збор за општоприфатениот, с#важечкиот, поимот кој ужива топло добредојде каде и да биде споменат, поимот кој стана синоним за напредок, современост, гаранција за остварување на правата ветени од искона, поимот кој чиниш како да се претвори во светилник среде немирното море… Нејзиното Височество Демократијата.

Во овој труд ќе се дефинира поимот демократија, како и поимот изборен систем како метод преку кој се остварува демократијата. Понатаму, ќе се анализираат резултатите од парламентарните избори кои се одржаа во Република Македонија во 2011 година, за на крај трудот да заврши со последниот дел- предлог модел за изборен систем. Авторот изврши егзактна анализа поттикнат од едно прашање поставено на телевизија, кое гласаше вака: ,,Како ќе изгледаше Собранискиот состав доколку Република Македонија беше организирана како една изборна единица?”. После истражувањето на овие резултати и проверувајќи како навистина би изгледал составот на законодавниот дом доколку територијата на нашата земја беше само една, единствена изборна единица. Сето ова, авторот го гледаше низ призмата на демократијата и со една цел- демократизација на сопствената земја.

Навистина, не знам дали некој друг термин на Земјината топка ужива вака светска слава и с#општа прифатеност. Демократијата е светски тренд. Модерно е да се биде демократ, како што е озогласено да се биде недемократ. Во политичкиот систем на Република Македонија, ретко да се најде некоја партија која го нема во својот назив атрибутот демократска. Во многу пошироки рамки, на светско ниво, постои аверзија кон сите режими кои проповедаат уредување различно од демократското. Штом има толку голема заинтересираност за овој поим, мислам дека сосема е оправдана намерата пред да се продолжи понатаму во анализа на постојниот изборен систем и начините како да се дојде до негова демократизација, да се образложи што значи овој толку често употребуван поим и да се размислува подлабоко за него.

ПОИМОТ ДЕМОКРАТИЈА И НЕГОВИТЕ ГРАДИЕНТИ

Терминот демократија потекнува од старогрчките зборови демос (што значи народ) и кратос (владеење) и значи владеење на народот наспроти монархијата (владеење само на еден човек), аристократијата (во која владее една посебна класа), тимократијата (власт на најбогатите). Демократијата како облик на владеење на народот се јавува за првпат во шестиот век пред Христа, во грчките градови-полиси, како резултат на појавата на слободните граѓани (политес), а особено на нивното право на говор (исигорија) и правото на еднаквост (исономија) . Демократијата почива на идеите за еднаквост и слобода . Тие се двете основни состојки без кои демократијата би била како леб без брашно и без вода. Кога се зборува за еднаквост, тоа не значи дека демократијата бара ,,урамниловка”, не бара унифицираност која би преминала во општа медиокритетност згаснувајќи ја секоја искра на уникатност, туку еднаквоста значи рамноправност, еднаквост во правата, еднаквост пред законот и пред државните органи. Како елементи на еднаквоста во демократијата се истакнуваат: еднакво, општо право на глас (особено битно во понатамошните размислувања за поврзаноста и влијанието на изборниот систем врз демократијата); општествена еднаквост (еднаков статус, односно отсуство на класни и социјални бариери и дискриминација); и еднакви можности . Слободата, пак, е целта на демократијата. Копнежот за демократија е токму копнеж за слобода. Да се биде слободен значи да се има можност да се избира. Слободата е состојба кога човекот е неоптоварен од туѓата волја. Секое пенетрирање во сферата на изборот значи нарушување на начелото на слободата. Сепак, овој принцип не значи дека во демократското општество секој е слободен да стори буквално с# што ќе посака. Ограничувањата се потребни, токму затоа што нив ги бара слободата. Иако ова изгледа контрадикторно, сепак здравиот разум поучен од искуството совршено го сфаќа овој парадокс. Имено, демократијата е уредување кое дозволува слобода во најголема можна мера во согласност со законот по кој слободата на секој поединец може да се помири со слободата на сите други . Слободата на другиот е границата до која смее да се шири мојата слобода.

НАЧИНИ НА ОСТВАРУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА-ПОСРЕДНА И НЕПОСРЕДНА ДЕМОКРАТИЈА

Во најдобар случај, демократијата претставува владеење на мнозинството од народот. Непосредна демократија постои во случај кога граѓанинот одлучува за определено прашање, без постоење на било каков посредник помеѓу него и донесената одлука . И единствено во случај на остварување на непосредна демократија можеме да зборуваме за вистинска демократија, како за владеење на народот односно барем за владеење на мнозинството од народот. Посредната демократија подразбира трансфер на правото да се донесуваат одлуки од граѓанинот на неговиот избран претставник. Тој трансфер на избирачката моќ се случува при процесот на избори, кои претставуваат извор на легитимитетот на секоја власт која се претставува како демократска. При посредната демократија народот избира елита која владее над него во однапред определениот временски интервал. Апологетите на посредната демократија ја претставуваат истата како неопходна, поради објективниот факт дека не можат сите членови на избирачкото тело да се собираат и да гласаат за секоја поединечна дилема која би се јавила во управувањето со државниот апарат. Токму затоа, на избирачкото тело му е потребна глава која наместо него ќе размислува и одлучува. Посредната демократија, како што вели Морис Диверже, доведува до ,,демократија без народот” . Во случај на остварување на посредната демократија, особено е важен системот преку кој одлуките се трансферираат. Целта на овој скромен труд е да укаже на неправилностите кои постојат токму во релацијата освоен глас-освоен мандат при остварувањето на посредната демократија преку анализа на сегашниот модел на избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, но со самата дијагноза на болеста не значи дека пациентот е излечен- треба да се препише и соодветната терапија. Авторот на овој труд во понатамошниот дел од овој труд ќе се задржи токму на еден предлог нов модел на организација на изборниот систем. На мислење сум дека тоа ќе придонесе за демократизација на државата, а ова мое мислење ќе биде потврдено и емпириски, преку анализа на фактите од претходните избори.

ИЗБОРИТЕ 2011- КРАТКА АНАЛИЗА

Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија се спроведоа на 5 јуни 2011 година. Изборите ги спроведе Државната изборна комисија, 84 изборни комисии и 3012 избирачки одбори. Врз основа на член 4став (2) од Изборниот Законик, во Собранието на Република Македонија се избираат 123 пратеници од кои 120 според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици, во кои се избираат по 20 пратеници и тројца пратеници се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија. Од вкупно заведените 1.828.335 гласачи на гласање излегле 1.160.137 или изразено во проценти- 63,48%. Од нив за важечки се сметаат 1.124.064 гласачки ливчиња.

Според утврдените листи на кандидати за пратеници во изборните единици 1,2,3,4,5 и 6 се предложени и утврдени 83 листи со вкупно 1660 кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, а во изборните единици 7,8 и 9 се предложени и утврдени 19 листи на кандидати со исто толку кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

По спроведените избори резултатите изгледаа вака:

Вкупно % од вкупно излезени Освоени Мандати
Демократија Е Ре 19958 1,78 0
ПОДЕМ 4395 0,39 0
СДУ 2270 0,2 0
ДУА 4517 0,4 0
ВМРО-ДПМНЕ 438138 38,98 53
ВМРО-НП 28217 2,51 0
ДУИ 115092 10,24 15
ДПА 66315 5,9 8
ДОСТОИНСТВО 8837 0,79 0
СДСМ 368496 32,78 42
НДУ 470 0,04 0
ЛДП 16551 1,47 0
СДПМ 1807 0,16 0
ДЕМОКРАТСКА ДЕСНИЦА 1517 0,13 0
ЕПМ 130 0,01 0
ПДП 277 0,02 0
НДП 29996 2,67 2
ОБЕДИНЕТИ ЗА МК 17081 1,52 0
ВКУПНО 1124064 99,99 120

Од вкупно 18 партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори, само 5 партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП) добија статус на легислативни партии, но само првите четири од овде набројаните добија респектабилен број на пратеници.

Загрижувачки е тоа што според пресметките 106.027 од излезените гласачи останаа непретставени во претставничкиот дом. Процентуално изразено, таа бројка изнесува 9,43%. Како што може да се види од погоре претставената табела партиите ВМРО-НП со 28.217 гласа, Демократија Е Ре со речиси 19.958 гласа, Обединети за Македонија со 17.081 глас и ЛДП со 16.551 глас останаа без ниту еден пратеник во Собранието.

Проблематична е и неправедноста која се појави на односот освоен глас-добиен мандат. Имено, ВМРО-ДПМНЕ со освоени 438.138 гласови, односно со 38,98% од бројот на вкупно излезени гласачи, освои 44,1% од пратеничките места. Разликата помеѓу добиените гласови и освоените мандати изнесува 5,18% во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму, СДСМ со освоени 364,496 гласови или 32,78% од излезените гласачи, доби 42 мандати или 35% од пратеничкиот состав. Неправедноста овде изнесува 2,22% во корист на СДСМ. И кај ДУИ е забележан сличен дисбаланс, кој изнесува 2,26% повторно во корист на партијата. И кај ДПА и кај НДП постојат поместувања од рамнотежата- 0.76% кај првата и 1% кај втората партија, со тоа што во единствено во случајот на НДП се случи неправедноста да биде на штета на партијата.

Забелешка може да се упати и на разликите во потребните гласови за еден освоен мандат. Така на пример еден пратенички мандат на ВМРО-ДПМНЕ претставува 8.266,7 граѓани, на еден од парламентарците на ДУИ ги застапува интересите на 7.672,8 гласачи, додека НДП еден пратенички мандат го плаќа со дури 14.998 гласа!

Како заклучок може да се земе дека на спроведените избори се случија повреди на основните права на граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија. Член 9 од Уставот гарантира еднаквост во правата и слободите на граѓаните: ,,(1) Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. (2) Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.”. Уште поконкретно, членот 22 од Уставот го дефинира избирачкото право како еднакво. Сепак, како што може да се види од погоренаведените забелешки еднаквоста на избирачкото право не се оствари. Значителен дел од гласовите не беа воопшто претставени во Собранието, додека кај преведувањето на освоените гласови во мандати се случи неправедност на таа релација. Некои партии своите мандати ги добија со многу помалку гласови за разлика од некои други. Тоа значи само едно- нееднаквост на избирачкото право! Речиси 10% од излезените гласачи воопшто не добија своја мандатна манифестација, а нееднаквоста се појави и во однос на разликите во потребните гласови за еден пратенички мандат.

ПРЕДЛОГ НОВ ИЗБОРЕН МОДЕЛ

Авторот на овој текст беше мотивиран од едно прашање поставено на телевизија. Прашањето гласаше: ,,Како ќе изгледаше Собранискиот состав доколку Република Македонија беше организирана како една изборна единица?”. Беа извршени анализи и пресметки, при што територијата на Република Македонија се зеде како една изборна единица, а мандатите се пресметуваа според Донтовата техника- исто како што се пресметуваа и во реалноста. Оваа симулација ги зеде веќе спроведените избори и резултатите добиени од нив. Со тие резултати како основа се направени следниве пресметки:

Вкупно % од вкупно излезени Мандати
Демократија Е Ре 19958 1,78 2
ПОДЕМ 4395 0,39 0
СДУ 2270 0,2 0
ДУА 4517 0,4 0
ВМРО-ДПМНЕ 438138 38,98 49
ВМРО-НП 28217 2,51 3
ДУИ 115092 10,24 13
ДПА 66315 5,9 7
ДОСТОИНСТВО 8837 0,79 0
СДСМ 368496 32,78 41
НДУ 470 0,04 0
ЛДП 16551 1,47 1
СДПМ 1807 0,16 0
ДЕМОКРАТСКА ДЕСНИЦА 1517 0,13 0
ЕПМ 130 0,01 0
ПДП 277 0,02 0
НДП 29996 2,67 3
ОБЕДИНЕТИ ЗА МК 17081 1,52 1
ВКУПНО 1124064 99,99 120

Она што најпрво паѓа во очи од горенаведената табела е тоа што во случај да се воведе овој модел како изборен модел во Република Македонија ќе се случи и поголема демократизација на системот. Имено, вкупно 9 партии ќе се здобијат со статусот легислативни партии, наместо сегашните 5. Ќе се случи дифузија на моќта и поголема вклученост на повеќе политички субјекти во поделбата власта. Гласот на различните структури ќе можеше да биде кажан од говорницата во Собранието и слушнат од страна на останатите претставници како и од страна на јавноста. Сето тоа значи демократизација на државата.

Според овој модел легислативни стануваат 1.099.844 гласови од излезените или 97,84%, додека како непретставени гласови ќе се запишат 24.220 гласачи или 2,15% од избирачите кои излегле на гласање. Тоа значи намалување на бројот на непретставени гласови за цели 75%. Како што може да се види од табелата најголемата бројка на непретставени гласови е бројката на добиени гласачи кај партијата Достоинство која изнесува 8837, за разлика од најкрупната бројка која остана без свој претставник во сегашниот модел а која изнесува дури 28.217 (бројот на освоени гласови на партијата ВМРО-НП).

Неправедноста на релација добиен глас-освоен мандат значително се намалува и во ниту еден случај не изнесува повеќе од 2%. За зголемениот баланс сведочи и следнава табела:

Вкупно % Мандати %мандати разлика гласови-мандати %
Демократија Е Ре 19958 1,78 2 1,6666667 0,113333333
ПОДЕМ 4395 0,39 0 0,39
СДУ 2270 0,2 0 0,2
ДУА 4517 0,4 0 0,4
ВМРО-ДПМНЕ 438138 38,98 49 40,833333 -1,853333333
ВМРО-НП 28217 2,51 3 2,5 0,01
ДУИ 115092 10,24 13 10,833333 -0,593333333
ДПА 66315 5,9 7 5,8333333 0,066666667
ДОСТОИНСТВО 8837 0,79 0 0,79
СДСМ 368496 32,78 41 34,166667 -1,386666667
НДУ 470 0,04 0 0,04
ЛДП 16551 1,47 1 0,8333333 0,636666667
СДПМ 1807 0,16 0 0,16
ДЕМОКРАТСКА ДЕСНИЦА 1517 0,13 0 0,13
ЕПМ 130 0,01 0 0,01
ПДП 277 0,02 0 0,02
НДП 29996 2,67 3 2,5 0,17
ОБЕДИНЕТИ ЗА МК 17081 1,52 1 0,8333333 0,686666667

Како што може да се забележи од табелата, најголемото прекршување во односот помеѓу добиените гласови и добиените мандати се случува кај партијата ВМРО-ДПМНЕ во која отстапувањето изнесува 1,853% во корист на партијата. Само за споредба, во моделот кој сега е на сила и според кој беа спроведени изборите таа неправедност кај оваа партија се искачи на 5,18%. И во случајот на пресметувањето на резултатите на СДСМ во пратенички мандати се случи нерамнотежа која изнесува 1,386%. Кај сите други партии дисбалансот не надминува 1%.

Поголема праведност може да се забележи и во однос на потребните гласови за освојување на еден пратенички мандат. Кај четирите партии кои освоија најголем број пратенички мандати во постоечкиот систем се појавуваат поголеми разлики на ова поле, додека доколку се случи воведување на овој предлог модел според кој територијата на Република Македонија е организирана како една изборна единица таа разлика се смалува за речиси половина. Осцилациите би се случувале во просторот помеѓу ДПА која еден мандат би го добивала со 9.473 гласови и ДУИ со 8.853 потребни гласови за едно пратеничко место. Така најголемата разлика меѓу потребните освоени гласови за едно пратеничко место не би ја надминала бројката од 620 гласови (се однесува за разликата помеѓу партиите кои освоија значителен број пратеници- ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА). За споредба, во сегашниот систем таа разлика помеѓу овие партии ја достигнува бројката од 1.101 глас! Ваквиот систем би бил многу поправеден од оној кој сега е во сила. Со воведување на овој изборен модел би дошло до поголема еднаквост на избирачкото право со тоа што ги намалува разликите во потребните гласови за добивање на едно пратеничко место. Исто така, од над 100.000 гласа кои останаа непретставени на предвремените парламентарни избори 2011, значаен дел ќе добијат свој претставник, односно претставници, во парламентарниот дом. Демократијата ќе се зголеми и со тоа што во поделбата на моќта поголем дел на партии ќе добијат статус на легислативни политички субјекти. Ова особено ќе важи како стимулација на помалите и помладите политички партии.

Промената на изборниот модел може да се изврши само со цврста решеност на клучните политички субјекти да работат за доброто на македонските граѓани и за сметка на тоа да се откажат од бенефициите кои ги добиваат од изборниот модел кој сега е на сила. Овој модел кој овде се предлага дефинитивно води кон зголемување на демократијата и дисперзија на моќта, без притоа да се случи откажување од некои благодети кои ги носи сегашниот систем. Се разбира, воведувањето на овој модел не е во интерес на моќните олигарси кои би сакале по секоја цена да ја задржат својата власт. Авторот на овој скромен труд искрено се надева дека овие идеи ќе дојдат до луѓе кои се сериозно заинтересирани за демократска Република Македонија на еднакви граѓани. Со таква убеденост беше изработен овој труд.

БИБЛИОГРАФИЈА:

  • 1. Уставно право и политички систем, проф. д-р Саво Климовски
  • 2. Уставно право, проф. д-р Светомир Шкариќ
  • 3. Извештај за конечните резултати од спроведените Предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, одржани на 5 јуни 2011 година

ДРАГАН АЛЧИНОВ

(Авторот е студент на постдипломски студии на Правен факултет)

Advertisements
This entry was posted in Демократија, Политика. Bookmark the permalink.

One Response to ДЕМОКРАТИЈАТА И ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ

  1. Пингување: Дали на работниците им требаат претставници во Собранието на РМ? | L'AMI DU PEUPLE

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s