Добрата и лошата власт

goodgov

Алегоријата на добрата и лошата власт е фреска насликана од страна на италијанскиот ренесансен уметник Ambrogio Lorenzetti. Фреската е насликана на три ѕида во Јавната палата во Сиена во периодот 1337-1339 година. Сиена бил град-република, многу богат и со добра местоположба. Бил управуван од Совет, во кој учествувале 9 управители кои заради стравот од корупција на секои 2 месеци биле заменувани со нов состав. Јавната палата- каде што е насликана фреската- била седиштето на власта и средиштето на јавната дискусија. Несомнено фреската била порака и предупредување до власта на Сиена. Но, нејзиното значење продолжува и денес, речиси 700 години подоцна. До ден денес ова уметничко дело ги воодушевува политичките мислители, а претставува и многу важна поука за нас.

Фреската, како што и самото име кажува, претставува уметнички приказ на начинот на кој се врши власта. Така на фреската е прикажана добрата власт и нејзините ефекти врз народот, како и лошата власт и нејзините ефекти врз народот. Сликите кои се доловени се полни со значење.

Имено, на централниот ѕид е претставена сликата на добрата власт– Владетелот е прикажан облечен во богата облека и седејќи на својот трон. Опкружен е со ликови кои ги претставуваа доблестите: Храброста, Верата, Надежта, Милосрдието, Мирот, Хармонијата, Мудроста, Трпението и Правдата. Правдата е малку понастрана на фреската, одвоена од другите доблести и од владетелот. Правдата е прикажана како суди меѓу две страни; притоа наградувајќи го доброто, а казнувајќи го злото. Нејзините очи се устремени угоре и гледаат кон Мудроста. Од нејзините раце излегува едно јаже, кое потоа поминува низ Хармонијата и низ рацете на сите граѓани и стигнува до десната рака на самиот Владетел и таму се претвора во жезол.

На десниот ѕид се претставени ефектите на добрата власт во градот и селото- имено, градот е прикажан како богат, уреден и напреден. Lorenzetti насликал многу фигури кои претставуваат разновидни дејности- земјоделци, градители, занаетчии, трговци, ловци, студенти и професори… и секој од нив си ја работи својата работа. Но, покрај сцените кои го претставуваат економскиот прогрес на фреската се насликани и општествениот и културниот живот на земјата. Мирот и прогресот на градот и селото можат да се забележат на лицата на насликаните човечки фигури. Над градот и селото лебди Безбедноста и стои натписот: ,,Без страв секој може да патува и да сее и жнее, сѐ додека оваа заедница ја држи оваа дама (безбедноста) како суверена, затоа што таа им ја одзеде власта на сите зли.’’

На левиот ѕид, односно на ѕидот спротивно од ефектите на добрата власт е прикажана лошата власт и нејзините ефекти. Ликот на злиот владетел е претставен во страшна слика- демонски лик со рогови и кучешки заби, олицетворение на лукавиот. Ликот на злиот Тиранин е опкружен со фигурите на Среброљубието, Суровоста, Горделивоста, Измамата, Предавството, Поделбите, Бесот и Војната. И Правдата е прикажана на оваа фреска, но таа е сега легната долу под страшниот Тиранин и е заробена. Неколку криминални сцени се прикажани на фреската, сугерирајќи го заклучокот дека овде цвета криминалот. Темните бои кои преовладуваат на фреската укажуваат на стравот кој владее во ваквото општество. На оваа фреска е прикажан и градот- но ова сега не е град на благосостојба и прогрес, туку град на распаѓање; селото, пак, не е село во кое се сее и се жнее туку сето поле е во пламен. Lorenzetti успешно ја прикажува сцената на стравот и општата стагнација. Над оваа сцена лебди Стравот и стои натписот: ,,Затоа што секој го бара само своето добро во овој град Правдата е потчинета на тиранијата; никој од овде не поминува без да се плаши за својот живот, зашто има крадци во и надвор од градот.’’

Lorenzetti ја насликал оваа фреска и успешно ја претставил алегоријата на добрата и лошата власт- со сите нивни ефекти врз народот. Таа служела за да ги предупреди владетелите дека тие имаат одговорност. Начинот на живот во Сиена зависел од начинот на кој тие ја вршат власта. И така, фреската била моќно предупредување пред очите на управителите. Фреската е потсетување и за денешните политичари, веројатно повеќе отколку во времето кога е создадена. Тие мораат да бидат свесни дека ситуацијата во која се наоѓа државата е нивна заслуга. Никакво оправдување со дејство на мрачни сили, странски платеници, светски економски кризи и сл. не е прифатливо. Тие мораат да сносат одговорност за состојбата на земјата.

Но, фреската е освестување и за нас- за обичниот народ. Освестување, велам, затоа што на некои не им е јасна директната релација меѓу начинот на живот во заедницата и начинот на вршење на власта. Несомнено е дека и добрата и лошата власт имаат свој непосреден ефект врз народот. Човек не може, а да не ја забележи разликата меѓу квалитетот на животот на едната и другата слика. Добриот живот не е случајност, туку е резултат на доброто владеење. Лошиот живот, пак, е резултат на лошото владеење. Добрата власт генерира општествен живот во кој поединецот создава и заедницата напредува во секој поглед. Лошата власт, пак, управува преку стравот и води во очај. И така, авторот ни упатува апел и нам: внимавајте на начинот на кој се врши власта, зашто тоа несомнено ќе има последици по вашиот живот. Lorenzetti овие работи ги осознал во 14тиот век. За жал, некои наши сограѓани треба да се научат на овој начин на размислување 7 века подоцна.

И токму затоа што јавниот живот го тангира секого, поединецот треба активно да биде вклучен во политичкиот живот. Јавната сфера не смее да се препушти на професионалните политичари и аналитичари, туку секој еден од нас има право но и обврска да учествува во политичкиот живот. Во крајна линија, политиката не ги засега само ,,некои таму’’, туку ,,секој еден овде’’. Затоа од исклучително значење е граѓанинот да биде активен чинител во политичкото општество. Доброто владеење е обврска на граѓанинот во демократските општества. ,,Една од казните за оние кои одбиваат да се вклучат во политичкиот живот е да бидат владеани од оние кои се полоши од нив.’’- ќе запише мудриот Платон повеќе од 15 века пред Lorenzetti. Политиката е премногу важен сегмент од животот за да можеме да ја препуштиме на другите.

Она што е интересно на фреската е дека добрата и лошата власт се раздвоени од фигурата на Правдата. Десно од Правдата е лошата власт, а лево- добрата власт. Општеството кое ја подјармило Правдата станало општество на страв, стагнација и смрт. Она општество, пак, кое е поврзано со Правдата е општеството на добрата власт, развојот и мирот. Но, како што споменав погоре: едно јаже излегува од Правдата и минува низ рацете на граѓаните на Сиена за на крај да заврши во рацете на Владетелот. Lorenzetti можел директно да го поврзе Владетелот со Правдата, не морал да го црта јажето во раката на секој граѓанин. Но тој сака да ни каже дека залагањето за Правдата е обврска на секој граѓанин.

Изминативе години Македонија е земја на лоша власт. Македонија е земја во која владее стравот. Токму стравот во неговите разни форми е главниот мотиватор за секое чинење и нечинење. Страв дека ќе го загубите работното место, бизнисот, социјалната помош, креветот во студентски дом, субвенциите… а можеби и здравјето и животот. Страв од губење на основите на егзистенцијата. Овде Правдата е заробена и е робинка на интересите на власта. Доблестите на добрата власт се заменети со среброљубието, суровоста, горделивоста, измамата, предавството, поделбите, бесот и војната. Совршени услови за владеење на една тиранија. А за ефектите од лошата власт не морам да ве убедувам. Сета фасада на Скопје 2014 не може да ги сокрие безнадежноста и очајот кои пуштиле корења длабоко во нас.

Неспорно е дека начинот на кој се врши власта е директна одговорност на оние кои ја вршат. Но, Lorenzetti и на обете слики од фреската умеел да ни ја претстави нашата (граѓанската) одговорност за начинот на владеење. Во добрата власт, граѓаните ја поддржуваат релацијата меѓу Правдата и Владетелот. Во лошата власт, пак, ,,Затоа што секој го бара само своето добро во овој град Правдата е потчинета на тиранијата’’. И така Lorenzetti на успешен начин ја претставува одговорноста на власта но и на народот. Лошата власт е грешка на вршителите на власта, но и на народот. Наскоро ние ќе имаме можност таа грешка да ја исправиме…

Advertisements
Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Една мисла од мудриот Хераклит

,,Народот треба да се бори за законот исто како за крепоста на градот’’- Хераклит

Хераклит живеел во 6тиот, односно 5тиот век пред Христа. Неговата мисла е особено значајна денес за Р. Македонија.

Одбраната на принципот на владеење на правото, според Хераклит, е изедначена по важност со одбраната на државните граници. Сепак, ми се чини дека повеќе акцент треба да се става на остварувањето на принципот на владеење на правото отколку на одбраната на границата. Во крајна линија- за нападот врз државните граници сите ќе бидеме свесни, зашто таквиот напад е експлицитен; додека тоа не е случај со нападот врз владеењето на правото. Рушењето на правните принципи се остварува без труби и фанфари, без бојни повици, понекогаш и без ниту еден испукан куршум. Без никој да чуе и да разбере. Затоа е потребна граѓанска будност и строга контрола на остварување на владеењето на правото.

Понекогаш патриотизмот значи одбрана на татковината и народот со оружје в рака. Но, понекогаш, а особено во денешниот свет, патриотизмот значи и одбрана на принципите врз кои се основа државата: владеењето на правото, поделбата на власта, заштитата на човековите права и слободи, остварувањето на демократијата, политичкиот плурализам итн. Сите овие вредности се меѓусебно поврзани и ударот врз една од нив е удар врз сите нив истовремено. Како што и ударот на власта врз грбот на еден граѓанин е удар врз сите нив истовремено.

Затоа сакам да им порачам на Здружението за одбрана на Македонија и сите други загрижени патриоти и ,,патриоти’’ од штабовите: и ние кои се залагаме за принципите на правото и правдата, и ние кои сме слободољубиви и здраворазумни сме патриоти. Прочитајте ја уште еднаш мислата од Хераклит. Патем, ако нешто ви значи, оваа мисла е превземена од книгата ,,Политички теории- Антика’’ во авторство на Светомир Шкариќ и Ѓорѓе Иванов.

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Дондестас Хорхе?

Кој рече дека Ѓорге Иванов го нема никаде?

Ете го во ОН збори за ,,Идентитетот и јазикот’’. Народски кажано ,,Село гори- баба се чешла.’’

Не можам да го разберам. Тој е човек со титула доктор на науки. Професор на Правниот факултет. Два пати добива легитимитет од граѓани (начинот на кој го добива е крајно сомнителен, ама ајде). И наместо да ја употреби својата едукација и политичка позиција за да превземе државнички потези, тој збори за нешто за кое никој не го прашува.

Замислете- тој предавал ,,Политички теории’’! Да предавал предмети од граѓанско право ајде до некаде и ќе му прогледаме низ прсти затоа што тоа не е дел од неговата специјализација.

Ама вака?

Дај гукни нешто човеку, преземи нешто. Имаш пристап до медиумите, имаш каков-таков авторитет. Дај некоја изјава, гостувај некаде, повикај ги Заев и твојот шеф кај тебе во кабинет… Ако ништо друго- барем одглуми дека си заинтересиран и кадарен. Не си претседател на некое локално здружение на граѓани!

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Македонија и Австралија

Македонија и Австралија географски ги делат 13.611 км.

Македонија и Австралија цивилизациски ги делат 13.611 светлосни години.

Минатата година во текот на месец април имаше еден голем политички скандал во Австралија. Премиерот на најголемата сојузна држава Нов Јужен Велс (Barry O’Farrell) си поднесе оставка од својата функција заради тоа што примил на подарок скапо шише вино од некој лобист. Цената на скапоценото шише го надминува законски дозволениот лимит за околу 1.000 евра.

Овој скандал во Австралија коинцидираше со скандалот во Р. Македонија во врска со незаконската продажба на ,,Македонска Банка’’, кој откри како актуелниот премиер Никола Груевски, тогашен министер за финансии, преку продажбата на банката ја оштетува државата за речиси 1,5 милиони евра.

Австралискиот скандал заврши со експресна оставка на функционерот. Човекот покажа голема доблест. Не се правдаше дека не знаел колку чини шишето вино. Не ја обвинуваше опозицијата дека го мести. Си ја призна вината и се повлече.

Во случајот со скандалот за Македонска Банка премиерот Груевски не си поднесе оставка. Дури институциите кои се под негова директна контрола во судска постапка го осудија лидерот на најголемата опозициона партија, г-динот Зоран Заев, кој мораше да му исплати 50.000 евра отштета на премиерот заради душевна болка.

Обрнете внимание на размерот на скандалот. Скандалот во Австралија е за надминување на дозволената вредност за околу 1.000 евра. Притоа, никој не е оштетен. Скандалот во Македонија е за кривично дело, кое не е дозволено по ниту еден основ. Притоа, државата загубила 1.5 милиони евра, а веројатно и повеќе од тоа!

Но, ќе беше добро да е само тоа.

Во изминатиов месец слушаме многу скандали поврзани со начинот на остварување на власта. Прислушување на илјадници граѓани, рушење на уставниот поредок преку директно вмешување во работата на судството, контрола врз медиумите, затварање и начини на замолкнување на политичките противници, уништување на демократијата и слободната мисла, признание за сопствената неспособност и налудничавост на политиката која се води, местење на избори, а се најавува дека ќе слушаме и уште. Можеби најболно од се’ е нечовечноста на јавните функционери.

И никој не поднесува политичка одговорност. Нема никакво признание за вина. Нема оставки. Дури се случува обратното- власта ја обвинува опозицијата, притворува и се заканува со линч и затварања.

Ете затоа цивилизациската оддалеченост на Австралија и Македонија е дури поголема од нивната географска оддалеченост. И не само со Австралија, туку Македонија расчистила со здравиот разум веќе од поодамна.

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Без наслов, но со повод

Заради вашата лажна религиозност- многумина ја загубија вербата во сето она што е добро и праведно.

Заради вашиот лажен патриотизам- вистинските патриоти завршија в затвор или на туѓи боишта да бијат туѓи битки.

Заради вашата маска на чесноста- вистински чесните граѓани едвај врзуваат крај со крај.

Заради вашата психичка болест- здравите луѓе завршуваат в болници. Некои и на гробишта.

Заради вашатa неспособност- сите вистински способни мораа да си заминат од земјава.

И не не’ замарајте со квази-вести за Заев и Верушевски. Наредната вест од вас нека биде веста дека сте си дале колективна оставка. Ако сакате да ве паметиме дека сте направиле барем една добра работа, барем сега повлечете се и никогаш да не слушнеме за вас. Бандо разуздана!

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

За субвенциите и купувањето на изборите

Не е спорно дека политиката на субвенционирање на земјоделието од страна на владите на ВМРО-ДПМНЕ им одеше во прилог на многу семејства. Многумина се охрабрија да се вратат на земјоделието или пак можеби за прв пат да започнат да се бават со тоа. Несомнено е дека земјоделците си најдоа интерес од државните субвенции.

Но, субвенциите имаат и своја негативна страна.

Како прво, парите за субвенции се пари извадени од економијата преку собирањето даноци. Значи успешните бизниси плаќаат данок, за да може државата да финансира гранки кои не се успешни. Робин Худ крадеше од богатите и им даваше на сиромашните и тоа можеби изгледа фино на филм, но во реалноста е погубно.

Замислете дека вие водите успешен бизнис. На крајот на годината пресметките велат дека треба да исплатите на неколку стотици илјади евра и со тоа да го подмирите својот данок. Ја исплаќате одредената сума и очекувате дека државата ќе ви возврати со тоа што ќе изгради подобри патишта, ќе ви даде поголема безбедност преку инвестирање во безбедносните служби или ќе направи паркови во кои ќе уживате со семејството. Наместо тоа државата со вашите пари финансира земјоделци кои не успеале да најдат пласман за своето производство.

И тоа се повторува од година во година. Вие знаете како да направите успешен бизнис и како да профитирате од тоа. И наместо тие пари да бидат вложени во инфраструктура и институции кои ќе ви овозможат повеќе можности за проширување на вашиот бизнис, државата одлучува да ги дава на земјоделците.

Како второ, иако оваа одлука нема логика во системот на пазарна економија сепак се спроведува со години затоа што носи голема популарност. Ќе бидам директен: на тој начин се купуваат гласови на избори! Тие гласови ќе овозможат дополнителни мандати на политичарите кои ја водат таквата политика на субвенционирање на неуспешните бизниси. Не се следат потребите на успешните бизниси туку упорно се форсираат неуспешните.

Субвенционирањето (на било кој бизнис, не само на земјоделието) не е својствено на пазарната економија. Кога Р. Македонија расчисти со социјализмот и тргна по патот на воведување на капитализмот требаше комплетно да расчисти со ваквите државни интервенции на пазарот. Затоа што во пазарната економија единствениот регулатор на економијата е самиот пазар. Всушност, затоа и се нарекува ,,пазарна економија’’, а не ,,државна’’.

Кое беше правилното решение? Како требаше власта да им помогне на земјоделците, без притоа да се впушти во регулација на економијата? Одговорот е едноставен: државата требаше да им обезбеди пласман на производството. Сепак, изгледа дека субвенционирањето е полесно отколку да се бараат нови пазари.

Затоа, јасно е дека субвенционираното земјоделство е популистичка мерка преку која власта ја ,,купува’’ наклонетоста на граѓаните. Преку субвенционирањето на неуспешните бизниси си врши реклама со пари на граѓаните. Погубни ефекти на ваквото субвенционирање врз економијата не можат да се споредат со нејзините погубни ефекти врз демократијата и слободата на долг рок.

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Кој прислушкувал?

Гледам дека на некои сеуште не им е јасно кој прислушкувал. Па да им објаснам.

Како прво, смешно е да речете дека опозицијата прислушкувала. Сериозно. Ептен не држи вода!

Како второ, работите треба да се гледаат во нивниот контекст и така да се донесуваат заклучоци по нив. И затоа предлагам да го погледнеме поширокиот контекст на владеењето на ДПМНЕ, па така ќе донесеме заклучок кој нема да се базира на само еден изолиран настан. Како што ДПМНЕ постојано труби дека имале дела, ете ќе ги послушаме и ќе се потсетиме на нивните најзначајни (не)дела.

Имено, во време на нивното владеење се случија следниве настани погубни за македонската демократија, слобода и државност:

-Ја затворија најгледаната телевизија во земјата
-Затворија неколку од најтиражните весници
-Затворија политички противници
-По нивна заслуга престана да постои и К15, луѓето кои сите нас не’ смееја 15 години
-Вадеа афера за сите граѓаните кои собираа храброст да излезат јавно да зборуваат за своите проблеми (сетете се на голготата на млекарот Душко од Битола)
-Еден опозициски новинар загина под мистериозни и неистражени околности
-Друг опозициски новинар кој ја истражуваше смртта на првиот беше притворен за кривично дело старо 5 години
-Срушија зграда на политичар зашто им откажа послушност
-Не’ испокараа со сите соседи
-Се обидоа да ја сокријат веста за смртта на Мартин Нешковски
-Организираа контра-протести на сите протести
-Ги избркаа опозициските пратеници од Собранието
-По сите мерила ја уназадија демократијата и слободата во Македонија, а за тоа сведочат и репортите на светските рејтинг листи

Ако ги земете предвид сите овие работи тогаш сосема природно ќе ви биде да додадете дека власта која ги правела сите овие ужасни работи, вршела и масовно прислушкување. Чудно ќе беше доколку сите овие ужаси ги немаше, та СДСМ од нигде никаде обелоденеше дека власта прислушкувала. Тогаш навистина ќе беше тешка дилема. Но сега кога ги знаеме (и ги живееме) сите ужаси на една диктатура- тогаш зошто некому му е тешко да прифати дека диктатурата која замолкна апсолутно се’ сака и да слушне апсолутно се’?

Posted in Uncategorized | Напишете коментар